
Интервју | БЕХАР ЕМИНИ: Граѓаните не треба само да знаат дека нивните пари се осигурени, туку и како функционира системот и колку е сигурен
Во време на економска неизвесност и зголемена чувствителност на граѓаните кон безбедноста на нивните заштеди, улогата на Фондот за осигурување на депозити станува сè порелевантна. Фондот претставува клучен елемент во архитектурата на финансиската стабилност на земјата, обезбедувајќи сигурност за депонентите и доверба во банкарскиот систем.
Во ова интервју разговараме со Бехар Емини, директор на Фондот за осигурување на депозити на Република Северна Македонија, за историјатот и улогата на Фондот, за неговото функционирање во кризни ситуации како што беше случајот со Еуростандард банка, како и за активностите поврзани со едукација и подигнување на свеста на граѓаните. Дополнително, тој говори за значењето од меѓународната соработка и членството во IADI, како и за идните чекори и можни иновации во системот на осигурување на депозити.
Банкарство: Господине Емини, можете ли накратко да ни го претставите Фондот за осигурување на депозити на Р. Северна Македонија, кога е основан, со која цел и како е поставен неговиот модел на функционирање? Кои се главните надлежности на Фондот и каква улога има во одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во Република Северна Македонија?
Бехар Емини: Фондот за осигурување на депозити на Република Северна Македонија претставува еден од трите столба на финансиската стабилност на државата. Основан е во 1997 година како Фонд за заштита на штедни влогови, како одговор на потребата за заштита на депонентите и зајакнување на довербата во банкарскиот систем, кој во тој период се соочуваше со значајни предизвици. Во 2000 година од акционерско друштво преминува во државна сопственост и се преименува во Фонд за осигурување на депозити.
Основната цел на Фондот е да обезбеди сигурност на заштедите на граѓаните и да придонесе кон зачувување на стабилноста на финансискиот систем преку ефикасен механизам за гаранција и исплата на обесштетување на осигурени депозити на население.
Фондот функционира според модел кој е усогласен со меѓународните стандарди и практики, пред сѐ со принципите на Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити (IADI). Тој функционира како “кутија за исплата” што значи дека неговата основна задача е исплата на осигураните депозити во случај на пропаѓање на банка, без да се вклучува директно во процесите на санација или реструктуирање на банките. Во своето делување, Фондот ги осигурува депозитите на физичките лица до определен праг на обесштетување, кој е утврден со закон. Во моментов, тој износ изнесува 30.000 евра по депонент, по банка. Осигурувањето е уредено со закон. Секој граѓанин кој чува средства во банка која е членка на системот за осигурување е заштитен и нема обврска за дополнително пријавување на своите права.
Фондот е особено важен фактор во финансиската сигурност преку зачувување на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор. Финансискиот систем може да функционира стабилно само доколку постои сигурност кај граѓаните дека нивните заштеди се безбедни.
Во таа смисла, Фондот дејствува како еден вид финансиски амортизер кој го ублажува шокот и го спречува ширењето на паника или несигурност меѓу населението при затворање на банка.
Преку своето внимателно и одговорно работење, Фондот за осигурување на депозити останува еден од столбовите на финансиската стабилност во државата, а со тоа и на економската сигурност на секој граѓанин.
Банкарство: Функционирање на Фондот во кризни ситуации – последен и најсвеж е примерот со Еуростандард банка. Функционирањето на Фондот за осигурување на депозити најчесто доаѓа во фокус кога се случува пропаѓање на банка, како што беше случајот со Еуростандард банка во 2020 година. Што се случи со депонентите на оваа банка кои имаа депозити, трансакциски сметки со парични средства и други влогови? Дали Фондот ги обештети само физичките лица или и правните субјекти?
Бехар Емини: Иако постоењето на Фондот за осигурување на депозити е постојано присутно во финансискиот систем, неговата улога станува највидлива во моменти на криза – особено кога се Народната банка ја одзема дозволата за работа на банка или штедилница. Таков беше случајот во 2020 година со Еуростандард банка, настан што го привлече вниманието на целата јавност и постави многу прашања за заштитата на депонентите.
Со одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка од страна на Народната банка, започна постапката за обесштетување на депонентите – физички лица во Еуростандард банка преку Фондот за осигурување на депозити. Главна задача на Фондот во овие случаи е веднаш и ефикасно да пристапи кон исплата на осигурените депозити, без непотребни административни пречки и со највисоко ниво на транспарентност и одговорност. Во рок 20 дена беше објавен почетокот на исплатата, а исплатата беше организирана преку 4 банки – исплатувачи.
Сите физички лица кои имаа депозити, трансакциски сметки или други парични влогови беа обесштетени до максималниот праг на обесштетување. Исплатата се вршеше преку банки-исплатувачи. На тој начин, Фондот ја исполни својата главна функција – да обезбеди финансиска сигурност во момент кога довербата во системот лесно може да се наруши.
Во првите 15 дена од почетокот на исплатата (15.09.2020 година) беа обесштетени 70% од пресметаните обврски за обесштетување, а до крајот на годината 2020, беа исплатени 90% од пресметаното обесштетување. Тоа го сметаме најголем успех во брзина и ниво на исплата, признаено и во европски рамки.
Важно е да се нагласи дека, според законската рамка која важи во Северна Македонија, Фондот за осигурување на депозити ги покрива само депозитите на физички лица. Тоа значи дека правните субјекти, како што се компании, здруженија или други деловни ентитети, не се опфатени со системот за осигурување. Тие подлежат на други правни и економски механизми во случаи на пропаѓање на банка.
Примерот со Еуростандард банка беше и останува конкретен показател за тоа како функционира системот за осигурување на депозити, но и колку е важно граѓаните навремено да бидат информирани за своите права и обврски во однос на банкарските услуги. Исклучително значајно беше тоа што исплатата се реализираше брзо, ефикасно и без поголеми компликации – што директно придонесе за зачувување на довербата во целиот банкарски сектор.
Ова искуство послужи и како поттик за дополнително унапредување на комуникациските протоколи, едукативните активности и интеринституционалната координација, со цел идните евентуални кризни ситуации да се третираат уште поефикасно и со уште поголема подготвеност.
Банкарство: Освен основната функција на гарантирање на депозити, Фондот има улога и во едукацијата на граѓаните за безбедноста на нивните заштеди. Кои се конкретните чекори што ги преземате за подигнување на финансиската писменост на граѓаните? Дали организирате едукативни кампањи, работилници и дали соработувате со други институции за подобрување на информираноста на населението за сигурноста на депозитите?
Бехар Емини: Осигурувањето на депозити, иако во основа претставува механизам за финансиска заштита на штедачите, има и многу пошироко значење кога станува збор за градењето доверба во финансискиот систем и подигнувањето на свеста кај граѓаните. Во Фондот за осигурување на депозити сметаме дека една од нашите најважни улоги, покрај техничката функција на гарантирање на депозити, е токму едукацијата на јавноста – создавање култура на финансиска писменост и разбирање на механизмите кои го штитат индивидуалниот капитал.
Граѓаните често се соочуваат со сложени информации кога станува збор за банкарскиот систем, а нејасноста создава несигурност и недоверба. Нашата мисија е да ја претвориме таа несигурност во знаење. Затоа континуирано работиме на приближување на темата за осигурување на депозити до сите категории на населението, на јазик кој е разбирлив, пристапен и релевантен за нивната секојдневна реалност.
Преку различни канали – телевизија, радио, социјални мрежи и интернет платформи спроведуваме едукативни кампањи кои имаат за цел да ги информираат граѓаните за тоа кои депозити се заштитени, до кој износ, како функционира механизмот на исплата во случај на банкарски колапс и зошто е важно да се штеди во формални финансиски институции. Информацијата не треба да остане во институциите, таа треба да стигне до секој граѓанин, особено до оние кои се најранливи на дезинформации или кои немаат лесен пристап до стручни совети.
Во рамки на нашите активности, посебно внимание посветуваме на младите. Веруваме дека основите на финансиската писменост треба да се постават уште во најраната возраст. Затоа реализираме работилници каде младите добиваат не само информации, туку и можност активно да поставуваат прашања и да учествуваат во дискусии за теми како што се штедење, управување со лични финансии и безбедност на депозитите.
Соработката со други институции е исто така клучна. Со Народната банка, Министерството за финансии, како и со други релевантни тела и организации, креираме синергии за поефикасно пренесување на пораките до пошироката јавност.
Дополнително, подготвуваме и дистрибуираме информативни материјали – брошури, видеа кои на визуелно атрактивен и едноставен начин ги објаснуваат клучните аспекти на нашата работа и правата на депонентите. Веруваме дека визуелната комуникација може значително да помогне во разбирањето на сложени теми, особено кај публика која можеби првпат се среќава со поимите од областа на финансиската безбедност. Во сето ова, водечката мисла ни е дека информиран граѓанин е сигурен граѓанин. Финансиската стабилност не зависи само од институциите, туку и од довербата што граѓаните ја имаат во нив. А, довербата се гради преку транспарентност, доследна комуникација и постојана едукација.
Банкарство: Во периодот од 21 ноември до 5 декември 2024 година, Фондот спроведе истражување на јавното мислење за информираноста на граѓаните за улогата и функцијата на Фондот. Што покажаа резултатите – дали граѓаните знаат дека нивните депозити се осигурани и до кој износ? Дали резултатите укажаа на потреба од дополнителни едукативни активности и дали Фондот планира конкретни активности за подобрување на свеста на граѓаните за сигурноста на нивните депозити?
Бехар Емини: Секоја институција која има за цел да го заштити јавниот интерес мора редовно да го слуша гласот на граѓаните – да ги разбере нивните ставови, дилеми, но и празнините во знаењето. Во таа насока, Фондот за осигурување на депозити, во периодот од 21 ноември до 5 декември 2024 година, спроведе сеопфатно истражување на јавното мислење, со цел да се измери нивото на информираност на граѓаните за неговата улога, функциите што ги извршува и правата што им припаѓаат на депонентите.
Резултатите од истражувањето понудија значаен увид и потврда и предизвик. Од една страна, охрабрувачки беше фактот што значителен број граѓани имаа основно сознание дека нивните депозити се осигурени и дека постои институција која ги штити во случај на пропаѓање на банка. Сепак, беше забележано дека многумина сѐ уште немаат прецизна информација за тоа до кој износ се осигурани депозитите, кои видови на влогови се покриени, како и кој точно е процесот на исплата доколку дојде до криза.
Истражувањето откри и дека постои значителна разлика во нивото на информираност помеѓу различни возрасни, образовни и географски групи. Граѓаните од урбаните средини покажаа нешто поголема запознаеност со темата, додека во руралните средини информациите сè уште не допираат во доволна мера. Ова ја потврди потребата за насочени и теренски ориентирани едукативни активности, кои ќе бидат прилагодени на различните категории на население.
Фондот ги прифати резултатите од истражувањето, не само како моментална слика, туку и како водилка за идно делување. Веќе се подготвуваат конкретни чекори за продлабочување на комуникацијата со јавноста, вклучувајќи нови информативни кампањи, посебни образовни програми за млади, интерактивни алатки преку дигитални платформи, како и локални настани и трибини за директна едукација на граѓаните.
Нашата цел е јасна: секој граѓанин да знае дека неговите пари се безбедни, дека постои систем кој функционира и кој ќе реагира навремено и ефикасно доколку тоа биде потребно. Истражувањата од ваков карактер не се изолирана активност, тие се дел од поширока стратегија за транспарентност, отчетност и проактивно присуство на Фондот во јавниот простор.
Како институција што постои за граѓаните, Фондот останува посветен на идејата дека довербата се гради преку знаење, а знаењето почнува со слушање, информирање и едуцирање.
Банкарство: Фондот неодамна стана полноправна членка на Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити (IADI). Што значи ова за Фондот и за финансиската стабилност во Македонија? Какви се придобивките од членувањето во оваа меѓународна асоцијација и дали тоа ќе влијае врз идните политики и регулативи на Фондот?
Бехар Емини: Членството во меѓународни организации не е само формалност или статусен симбол, тоа е клучен инструмент за институционален раст, размена на знаење и јакнење на националната стабилност. Со најновото пристапување како полноправна членка на Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити (IADI), Фондот за осигурување на депозити на Република Северна Македонија направи значаен чекор напред на меѓународната сцена.
Ова членство претставува признание за зрелоста на институцијата и за квалитетот на нејзините политики, практики и организациски капацитети. IADI, како глобална мрежа што ги обединува институциите задолжени за заштита на депонентите, претставува платформа преку која се споделуваат искуства, се развиваат стандарди и се промовираат најдобрите практики во областа на осигурување на депозити. За Фондот, ова значи директен пристап до глобални експертизи, аналитички ресурси и практични решенија, кои ќе бидат од непроценливо значење при понатамошното унапредување на националниот систем за заштита на депонентите.
Со ова се отвораат и нови можности за учество во работни групи, обуки, меѓународни форуми и проекти, каде што ќе се разменуваат искуства со институции од различни делови на светот – од земји со долга традиција на финансиска стабилност, до оние кои се соочуваат со предизвици слични на нашите. Овие контакти не се само академски, тие се директно применливи и имаат реален ефект врз квалитетот на регулативите, управувањето со кризи и градењето доверба кај граѓаните.
Дополнително, членството во IADI ќе придонесе кон усогласување на политиките и регулативите на Фондот со меѓународните стандарди, што ќе ја зацврсти неговата улога во националниот финансиски систем и ќе ја зголеми предвидливоста и транспарентноста на неговото работење. Тоа е особено важно во контекст на зачестени глобални финансиски турбуленции, каде што довербата во институциите станува највредниот капитал.
За Северна Македонија, ова членство е и сигнал до меѓународната заедница дека државата инвестира во стабилност, институционална одговорност и долгорочна сигурност на нејзините граѓани. За самите депоненти, иако ваквите процеси се често тивки и технички, тие носат директни придобивки: посигурен систем, побрз одговор при криза и појасни правила за заштита на нивните пари.
Членството во IADI е чекор напред – но и обврска да се продолжи со градење на Фонд што не само што ги исполнува очекувањата на граѓаните, туку ги поставува стандардите за иднината.
Банкарство: Кои се следните стратешки чекори што ги планирате за унапредување на Фондот? Дали се размислува за зголемување на лимитот на осигурување на депозити, проширување на видот на осигурани влогови или можеби воведување на нови механизми за побрзо и поефикасно обесштетување на депонентите во случај на криза?
Бехар Емини: Фондот за осигурување на депозити континуирано ја следи динамиката на финансиските текови и трендовите на национално и меѓународно ниво, со цел да остане релевантен, ефикасен и во служба на граѓаните.
Една од важните теми што е предмет на анализа е потенцијалното зголемување на лимитот за осигурување на депозити. Иако, тековниот лимит од 30.000 евра е усогласен со европските стандарди, Фондот внимателно ги следи инфлаторните движења, промените во структурата на штедењето и трендовите во останатите земји, со цел да се процени дали постои основа и потреба за негово прилагодување во иднина. Таквата одлука би се темелела на сеопфатна анализа на влијанието врз банкарскиот сектор, буџетот на Фондот и стабилноста на финансискиот систем.
Покрај ова, се разгледува и проширување на обемот на осигурени влогови. Во моментов, осигурувањето се однесува само на физички лица, но во иднина може да се разгледа можноста за вклучување на одредени категории на правни субјекти. Таквата реформа би барала измени во законската рамка и внимателна проценка на ризиците и бенефитите.
Во контекст на ефикасноста, посебно внимание се посветува на развојот на нови дигитални алатки и механизми за побрза исплата на обештетувања во случај на криза.
Планирано е унапредување на ИТ системите и зголемување на степенот на автоматизација на процесите, со што би се намалило времето потребно за верификација и исплата на средствата кон депонентите. Брзината и прецизноста во вакви ситуации се клучни за задржување на довербата на граѓаните и стабилноста на целиот банкарски систем.
Конечно, Фондот останува посветен и на јакнење на јавната свест, едукација и транспарентност. Институционалната сила не се мери само во финансиски резерви, туку и во довербата на граѓаните. Затоа, секој нов чекор е воден од една суштинска цел: да изградиме стабилен, сигурен и инклузивен систем кој граѓаните ќе го препознаат како свој сојузник во зачувувањето на нивната финансиска сигурност.
Прашалникот го состави и интервјуто го уреди Борјан Неделковски.