Успешно одржан настанот „Запознај го Фондот за осигурување на депозити“ за младите
Скопје, 26 март 2026 година – Денеска во просториите на Јавна соба во Скопје се одржа едукативниот настан „Запознај го Фондот за осигурување на депозити“, организиран од Фондот за осигурување на депозити (ФОД). Настанот беше наменет за млади лица на возраст од 18 до 22 години, со цел да се приближи работата на Фондот до младата популација и да се зголеми свесноста за значењето на осигурувањето на депозитите.
На настанот присуствуваа голем број млади учесници, кои преку серија на кратки и информативни презентации се запознаа со улогата и надлежностите на ФОД, начинот на управување со средствата, анализа на податоци за обесштетени граѓани, како и практични совети за распределба на средства во различни банки и штедилници. Особено внимание беше посветено на реални примери од праксата, со што учесниците добија увид во тоа како функционира заштитата на депозитите во реални ситуации.
Настанот започна со воведно обраќање од модераторот, а директно беше поздравен и од директорот на ФОД. Потоа следуваа презентации од стручни тимови на Фондот, кои ја објаснија структурата и функционирањето на ФОД, прагот за обесштетување, мерките за ефикасност и промотивните активности на Фондот. Учесниците имаа можност да поставуваат прашања и активно да учествуваат во дискусијата, со што беше стимулирана интерактивност и директна комуникација со експертите.
На настанот беше поставен и промотивен штанд со брошури на македонски и албански јазик, кои ги презентираа клучните информации за ФОД и важноста на штедењето и осигурувањето на депозити.
По официјалниот дел следеше и неформално дружење, каде младите учесници имаа можност дополнително да разменуваат искуства и да дискутираат за темите од презентациите.
Со овој настан, Фондот за осигурување на депозити ја потврди својата посветеност на финансиската едукација на младите и на јакнење на довербата во сигурноста на депозитите во банкарскиот систем.













