ИЗВЕСТУВАЊЕ
до физичките лица - депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај
Ги информираме физичките лица - депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај дека обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и во целост и ќе биде достапен за исплата од денот на почеток на исплата на обесштетувањето.
Поконкретно, во врска со вчерашната објава на Фондот за осигурување на депозити, појаснуваме дека секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата и во тој период депонентот ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување преку банките - исплатувачи.
Истовремено ве известуваме дека, правото на исплата на обесштетување не застарува. По истекот на овој временски период (3 години), депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките - исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување.
Веќе се подготвува распределбата на депонентите по банки - исплатувачи и се изготвуваат Потврдите за сопственост на депозит, со цел процесот на исплата на обесштетувањето да се одвива максимално ефикасно и едноставно. Во текот на следните денови ќе биде соопштен датумот на кој што ќе започне исплатата.
Фонд за осигурување на депозити