За фондот
Фондот за осигурување на депозити претставува специјализирана државна финансиска институција формирана со цел да обезбеди осигурување на депозитите на граѓаните во банките и штедилниците во Република Северна Македонија и обесштетување на осигурените депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците, во кои настанал ризичен настан.
Под депозити, согласно законот за Фондот, се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификатите за депозити, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.
Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.
ИСО 9001:2015
Фондот за осигурување на депозити спроведува политика за квалитет која е заснована на воспоставување и одржување на механизми за континуирано подобрување и контрола на услугите и процесите.Основна задача
Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на конечноста на решението за одземање на дозвола на банката, филијалата на странска банка или штедилницата во која настанал ризичен настан.
Во Фондот членуваат банки, филијали на странски банки и штедилници основани во Република Северна Македонија. Членството во Фондот е задолжително.
Со осигурувањето на депозитите во банките, филијалите на странските банки и штедилниците Фондот придонесува во одржувањето на стабилноста и довербата на јавноста во банкарскиот и финансискиот систем на земјата. Со денот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија ќе се осигуруваат и депозитите на правните лица - мали трговци.
Средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии од членките на Фондот и приходи од пласмани.
Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка од 0,25% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница. Средствата уплатени во Фондот од страна на банките, филијалите на странските банки и штедилниците по основ на премии се неповратни.
Инструментите во кои може да инвестира Фондот се:
- хартии од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија и од Народната банка на Република Северна Македонија со рок на пристигнување до дванаесет месеци од нивното стекнување од страна на Фондот (во понатамошниот текст: хартии од вредност) и
- должнички хартии од вредност издадени од странски држави, централни банки или јавни меѓународни финансиски институции, рангирани од страна на најмалку две меѓународно признати агенции за оценка на кредитниот ризик во една од двете највисоки категории, во висина на осигурените депозити што гласат на странска валута.
Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница.
Меѓународни односи
Фондот е член на Европскиот форум на осигурители на депозити (European Forum of Deposit Insurers - EFDI). ЕФДИ е асоцијација на Европските фондови за осигурување на депозити, и нејзината цел е да придонесе на стабилноста на финансиските системи преку промоција на Европската соработка на полето на осигурување на депозити.
Фондот соработува со Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити - (IADI - International Association of Deposit Insurers).