Каде се осигурани депозитите

fodsk

Каде се осигурени депозитите?

Депозитите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити до износ од 30.000 евра во денарска противвредност.

Банките, филијалите на странски банки и штедилниците во Република Северна Македонија плаќаат премија за осигурување на депозитите на физичките лица во Фондот за осигурување на депозити кој е во државна сопственост и е единствена таква институција во Република Северна Македонија.

Средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани.

Средствата со кои располага, Фондот може да ги пласира во:

  1. хартии од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија и од Народната банка на Република Северна Македонија со рок на пристигнување до дванаесет месеци од нивното стекнување, и
  2. до висина на осигурените депозити што гласат на странска валута во должнички хартии од вредност издадени од странски држави, централни банки или јавни меѓународни финансиски институции, рангирани од страна на најмалку две меѓународно признати агенции за оценка на кредитниот ризик во една од двете највисоки категории.

Средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

Доколку на Фондот му недостасуваат средства за исплата на осигурените депозити, Фондот ги обезбедува дополнителните средства преку:

  1. дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите;
  2. задолжување во земјата и странство
  3. позајмици од Буџетот на Република Северна Македонија.

Дополнителните уплати (1) банките, филијалите на странските банки и штедилниците се должни да ги уплатат на сметката на Фондот најдоцна во рок од осум дена од денот на доставувањето на пресметката.

Доколку на Фондот му недостасуваат ликвидни средства за исплата на осигурените депозити на физичките лица, Министерството за финансии може да изврши откуп пред рокот на достасување на хартиите од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија кои се во сопственост на Фондот. Откупот се врши без објавување на јавен повик.

  • Силк Роуд Банка АД Скопје
  • Комерцијална банка АД Скопје
  • НЛБ банка АД Скопје
  • ПроКредит банка АД Скопје
  • Стопанска банка АД Битола
  • Стопанска банка АД Скопје
  • Универзална Инвестициона банка АД Скопје
  • Халк Банка АД Скопје
  • Централна Кооперативна банка АД Скопје
  • Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје
  • ТТК банка АД Скопје
  • Штедилница Можности ДОО Скопје
  • Штедилница ФУЛМ ДОО Скопје