Интервју Хаџиев: Граѓаните да не ги чуваат големите заштеди само во една банка

26.12.2019

https://faktor.mk/hadziev-gragjanite-da-ne-gi-chuvaat-golemite-zashtedi-samo-vo-edna-banka

Иако граѓаните главно се информирани, Борче Хаџиев, директорот на Фондот за осигурување на депозити, им порачува на штедачите кои имаат повеќе од 30.000 евра депозит да го прераспределат во две, односно повеќе банки заради поголема сигурност. Тој сепак смета дека во поново време не е забележан ниту еден инцидент во смисла на тоа одреден штедач да остане без својот депозит. Заштедите на граѓаните продолжуваат да растат.

 

Каматата на државните записи на аукциите на кое се задолжува Министерството за финансии е на историски минимум. Дали се очекува таа да паѓа и следната година при задолжувањата на државата?

Хаџиев: Точно, каматата на државните записи е најниска до сега, на пример во последните две години е намалена од 2,6 проценти на 0,6 проценти, но Фондот како специјализирана финансиска институција во фокусот ја има заштитата на депозитите на граѓаните во РСМ. Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити имаме можности средствата кои се собираат по основ на премии за осигурување на депозити од членките на Фондот, да ги инвестираме во хартии од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија, како и во ниско ризични издадени од странски држави. До сега Фондот инвестира во државните записи, како најсигурен финансиски инструмент, што беше особено важно во текот на светската децениска финансиска криза. Оттука, би истакнал дека нас ни е најважна сигурноста на инвестираните средства.

Сметам дека политиката на намалување на каматните стапки е во согласност со целокупните макроекономски политики на Владата и Народната Банка на РСМ и повисоки каматни стапки би значеле и дополнителни обврски за државата.

Во 2018 населението имаше вкупно 4,3 милијарди евра сочуван депозит во македонските банки. Со колкава сума на пари што физичките и правни лица ја чуваат во банките се очекува да заврши 2019?

Хаџиев: При проектирање на растот на депозитите на населението во предвид се земаат многу фактори како што е макроекономската политика, динамиката на движење на депозитите на население во изминати периоди (најчесто 3 години), вкупни и поединечно по членки, стабилноста на финансискиот систем и слично. Оваа година, 2019, очекуваме да се исполнат нашите предвидувања, па дури и да се надминат со годишен раст од најмалку 8% или депозитите на население на крајот на годината да достигнат до 285 милијарди денари (4,6 милијарди евра).

Дали во денешно време штедачите се соочуваат со ризици по своите депозити во банките и штедилниците и дали во текот на оваа година постоеше можност за таков „инцидент“?

Хаџиев: Ризиците се дел од секој сегмент на општественото живеење, не само во водењето на сопствените финансии. За среќа, Фондот за осигурување на депозити е тука да ги заштити депозитите на граѓаните. Прагот на обесштетување изнесува 1,844 милиони денари (30.000 евра во денарска противвредност) по депонент, по банка или штедилница. Оттука, ние постојано ги советуваме нашите граѓани да ја почитуваат традиционалната економска логика, а тоа е “не ги ставајте сите јајца во иста кошница“.На тој начин, се намалува, т.е. елиминира ризикот од  губење на  депозитите во случај на ризичен настан. Во текот на оваа година, а и откако сум именуван за директор на институцијата не сме се соочиле со индикации за јавување на проблем кај нашите членки. Последен случај на исплата на обесштетување на депоненти е регистриран во 2007 година со затворањето на Македонска банка АД во ликвидација.

Во текот на 2019 година Фондот за осигурување на депозити беше насочен кон промовирање на осигурувањето на депозити, поточно кон информирање на јавноста за задачите и целите поради кои е основан и функционира. Беа организирани промотивни настани наменети за различна публика. Едниот беше со меѓународен карактер, кога гости ни беа колегите од Европа. Потоа заедно со Македонската банкарска асоцијација бевме коорганизатори на прославата по повод  Светскиот ден на штедењето, во чии што рамки се спроведе и кратка финансиска едукација за најмалите граѓани, учениците од основните и средните училишта, и на крај на годината организиравме посебен едукативно промотивен настан наменет за студентите од универзитетите во Македонија, бидејќи ги сметаме за идни депоненти кои треба да ја осознаат важноста на осигурувањето на депозитите и улогата во одржување на стабилноста на финансискиот систем. На тој начин сакаме да го поттикнеме и штедењето на идните генерации кое е еден од условите за развој на економијата во едно општество.

Познато е дека обесштетувањето на штедачите од времето на транзицијата е речиси при крај. Уште колку работа преостанува за тоа да биде стоотстотно заокружено?

Хаџиев: Фондот е основан во 1997 година како акционерско друштво на членките на тогашното Здружение на банки под назив Фонд за осигурување на штедни влогови, а веќе во 2000 година со откуп на акции од страна на државата се трансформира во Фонд заосигурување на депозити. Од формирањето на Фондот во јануари 1997 година до денес, се случиле вкупно 11 ризични настани. Вкупната пресметана обврска за обесштетување од единаесетте поранешни членки на Фондот изнесува 1,5 милијарди денари. Вкупно се обесштетени 20.075 штедачи во вкупен износ од 1,3 милијарди денари што претставува 90,2% исплатени обврски од Фондот за обесштетување кон депонентите.

Штедните влогови на граѓаните стануваат се поголеми во комерцијалните банки. Што е подобро за македонската економија во моментов? Тие да се чуваат „на сигурно“ во период кога нивното оданочување е одложено од страна на Владата, или пак тие пари да се трошат, односно инвестираат?

Хаџиев: Единствена институција одговорна за заштита на депозитите на населението во РСМ е Фондот за осигурување на депозити кој гарантира сигурност во исплата на обесштетување во случај на затворање на банка/штедилница од банкарскиот систем. Одлуката за тоа како ќе ги менаџираат своите финансии сепак е лична. Нашата улога е јасна и недвосмислена, а тоа е осигурување на депозитите на населението и оплодување на капиталот заради јакнење на фондот за сигурност.

Колкави ќе бидат премиите што ќе се наплатат од банките-членки на Фондот за осигурување на депозитите и со колкаво инвестициско портфолио ќе настапи фондот во 2020?

Хаџиев: До крајот на 2020 година се очекува да се наплатат премии во вкупен износ од 728 милиони денари, согласно проекциите за раст на депозитите на населението, додека инвестиционото портфолио се очекува да достигне вредност од 18 милијарди денари преку инвестирање во дванаесетмесечни државни записи.

СЛИЧНИ СОДРЖИНИ

  • Силк Роуд Банка АД Скопје
  • Комерцијална банка АД Скопје
  • НЛБ банка АД Скопје
  • ПроКредит банка АД Скопје
  • Стопанска банка АД Битола
  • Стопанска банка АД Скопје
  • Универзална Инвестициона банка АД Скопје
  • Халк Банка АД Скопје
  • Централна Кооперативна банка АД Скопје
  • Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје
  • ТТК банка АД Скопје
  • Штедилница Можности ДОО Скопје
  • Штедилница ФУЛМ ДОО Скопје