Светски ден на штедење, 31 октомври

01.11.2021

Светскиот ден на штедењето, 31 октомври, беше одбележан во петок, 29.10.2021 година со настан организиран од Македонската банкарска асоцијација. На овој настан, традиционално учествуваат и претставници на Фондот за осигурување на депозити, како една од најзначајните институции во обезбедувањето на финансиската стабилност и сигурност на банкарскиот систем во Република Северна Македонија.

Овој настан беше организиран во хибриден формат поради тековната здравствена криза и на истиот присуствуваа ограничен број учесници. Се одржа во хотел Мериот, Скопје, а можеше да се следи во живо на Јутуб каналот на Македонската банкарска асоцијација.

На настанот пред најдобрите службеници во банкарскиот сектор за 2021 година се обратија претседателката на Македонската банкарска Асоцијација д-р Маја Стевкова Штериева, министерот за финансии  д-р Фатмир Бесими, вицегувернерката на Народната банка м-р Ана Митреска и директорот на Фондот за осигурување на депозити Амир Шабани.

Директорот на Фондот за осигурување на депозити Амир Шабани во својот говор истакна: Наспроти кризата со која сите сѐ уште се соочуваме, Фондот за осигурување на депозити во текот на изминатата година, успешно ја одигра својата најважна улога која ја има во финансискиот систем, а тоа е брза и навремена исплата на обесштетување на депоненти кои своите финансиски средства ги довериле во банка или штедилница кај која настанал ризичен настан.

Имено, и во вонредни услови, Фондот за осигурување на депозити во првиот месец од почетокот на исплатата, успеа да исплати 70% од вкупната обврска за обесштетување на депоненти од „Еуростандард банка” во стечај, а до сега, една година по почетокот на исплатата, исплатени се 90% од вкупното пресметано обесштетување на депонентите. Ова е еден од најуспешните случаи на исплата во Европа, особено што истиот процес беше реализиран во услови на светска пандемија.

Претседателката на  Македонската банкарска Асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева, поздравувајќи ги присутните и честитајќи го празничниот ден изјави:

„Да се биде банкарски работник кој работи со население,  во денешно време, е многу различно од истата активност пред триесет години. Зошто токму 30 години? Го одбрав овој број бидејки асоцира на бројот на години на независнот на Република Северна Македонија, што впрочем и се прославуваше оваа година.  И ја користам оваа прилика индиректно да истакнам колку многу банките го унапредиле своето работење во делот на работа со население, што во големе мера придонело за континуирано зголемување на депозитите и зголемена доверба во банките.“

Напоменувајќи ги специфичните  економските текови во државата во услови на пандемија министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими изјави дека годинава може да се достигне и повисоко ниво на раст од проектираниот од 4,1 процент раст на БДП. Притоа Бесими најави развој на финансискиот пазар.

„Ќе развиваме финансиски пазар кадешто граѓаните ќе имаат можност да ги вложат своите средства во разни инструменти, затоа што конкуренцијата е здрава за економијата, здрава за растот и за развој, што пак ќе значи подобри економски позиции за нашата економија“, истакна Бесими.

Пандемијата го зголеми штедењето и овој процес е глобален феномен, што се должи на три причини, посочи вицегувернерката на Народната банка, м-р Ана Митреска.

„Прво, и покрај рецесијата, расположливиот доход не претрпе намалување, делумно и заради фискалниот импулс за поддршка на платите и работните места. Понатаму, со оглед на природата на кризата, рестриктивните мерки и лимитирањето на движењето, дел од населението се соочи со принудно намалување на потрошувачката, пред сѐ потрошувачка на различни услуги, која е карактеристична за лица со поголем доход и со поголем капацитет и склоност за штедење. Трето, со оглед на тоа што сите идни економски текови се условени од исклучително неизвесната епидемиолошка крива, во ваков амбиент, мотивот на претпазливост има голема улога во однесувањето на штедачите“, истакна Митреска и посочи дека и кај нас депозитниот потенцијал се зголемува со релативно сoлиден интензитет од над 8% на годишна основа, со што динамиката на зголемување е многу слична онаа од периодот 2018-2019 година.

Признание за постигнати особени резултати во нивната работа оваа година добија 33 службеници од 13 банки, 2 штедилници, Клириншката куќа КИБС и Македонското кредитно биро.

  • Силк Роуд Банка АД Скопје
  • Комерцијална банка АД Скопје
  • НЛБ банка АД Скопје
  • ПроКредит банка АД Скопје
  • Стопанска банка АД Битола
  • Стопанска банка АД Скопје
  • Универзална Инвестициона банка АД Скопје
  • Халк Банка АД Скопје
  • Централна Кооперативна банка АД Скопје
  • Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје
  • ТТК банка АД Скопје
  • Штедилница Можности ДОО Скопје
  • Штедилница ФУЛМ ДОО Скопје