Фондот за осигурување на депозити во Република Северна Македонија во целокупната постапка на стечај на Еуростандард банка, ја одигра најважната улога, а тоа е исплата на обесштетувањето на депонентите – физички лица на Еуростандард банка.
Од 15.09.2020 година кога започна исплатата на обештетувањето на депонентите на Еуростандард банка и до денес има исплатено 90,5% од вкупно пресметаното обесштетување. Покрај оваа исплата која сѐ уште се одвива преку 4 банки исплатувачи, Фондот работи и на исплата на наследниците на депоненти кои починале. До сега се обработени преку 300 случаи на исплати на наследници.
Фондот за осигурување на депозити има статус на доверител во стечајната маса на Еуростандард банка. За исплата на обесштетување на депонентите со право на обесштетување, Фондот издвои вкупно 4,2 милијарди денари или 68 милиони евра.
Уставниот суд на Република Северна Македонија на 25.05.2021 година, донесе Одлука со која се укина член 163 став 3 од Законот за банките. Со оваа Одлука, Фондот за осигурување на депозити го загуби правото на приоритетна наплата на своето побарување од стечајната маса на банката или штедилницата за која е отворена стечајна или ликвидациона постапка.
Во продолжение на овој процес, на 7 јули 2021 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесе Решение да не се поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити и Фондот за осигурување на депозити останува во својство на доверител како и останатите доверители, односно неспорно е дека Фондот е во својство еднакво со другите доверители во стечајната или ликвидационата постапка на банка или штедилница.
Исто така, како доверители, а согласно член 116 став (2) од Закон за стечај побарувањата на стечајните доверители во Еуростандард банка од ист исплатен ред се намируваат сразмерно на големината на побарувањата.
Во нашиот систем за осигурување на депозити прагот на обесштетување изнесува 30.000 евра во денарска противвредност пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на конечноста на решението за одземање на дозвола на банката, филијалата на странска банка или штедилницата во која настанал ризичен настан.
Согласно Директивата 2014/49/EU прагот на обесштетување во земјите на ЕУ изнесува 100.000 евра и ова обесштетување се однесува на депозитите на население, како и на депозитите на правните лица.
Во Фондот се осигуруваат депозитите на домашни и странски физички лица (депозити на население) кои се депонирани во банки, филијали на странски банки и штедилници во Република Северна Македонија.
Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.
Секоја држава надвор од ЕУ, прагот на обесштетување го прилагодува на економските прилики во општеството.
Во регионот, прагот на обесштетување на депозитите изнесува:
1. Албанија – 20.000 евра
2. Косово – 5.000 евра
3. Црна Гора – 100.000 евра (до 2019 година при последната исплата беше 50.000 евра, сега се прилагодија на Директивата)
4. Србија – 50.000 евра
5. БиХ – 25.000 евра
Фондот за осигурување на депозити од своите членки наплаќа стапка од 0,25% годишно од вкупните депозити на население. Согласно Законот за ФОД оваа стапка може да изнесува најмногу 0,7% годишно од вкупните депозити во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница.
Во Македонија осигурувањето на депозитите се наплаќа со рамна стапка – иста за сите членки.
Вкупни депозити на население во Република Северна Македонија на 31.12.2021 година изнесуваа 4,8 милијарди евра, обем според кој се пресметува и нивото на покриеност на Фондот.
Како на пример во Албанија се наплаќа премија од 0,125% а во Косово од 0,45 до 1,5% во зависност од ризикот кој го сносат.
Согласно Директивата на ЕУ, стапката на премија се пресметува согласно ризикот кој секоја членка го носи и согласно потребата од постигнување на одреден обем на фондот за сигурност.
Во ЕУ нема скала по која се одредува стапката на премија и најчесто се пресметува врз основа на ризик.
Согласно Законот за ФОД, нивото на покриеност на Фондот, т.е. паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити на население во банките, филијалите на странските банки и штедилниците во Република Македонија.
Кај повеќето од земјите во ЕУ, согласно Директивата на ЕУ, минималното ниво на покриеност треба да изнесува најмалку 0,8% од вкупните осигурени депозити (население и правни лица) на своите членки или да биде обезбеден фонд со кој пропорционално ќе можат да се покријат потенцијални ризици. Доколку тој фонд е недоволен, се пристапува кон итно полнење на фондот за обесштетување од други извори.
Секој систем има свои карактеристики и се прилагодува на ЕУ колку што може.
Во регионот на пример: Албанија има ниво на покриеност – 5,83%, Косово имаат цел да стасаат до 9%, Црна Гора има за цел да постигнат 10%, а потоа да не плаќаат додека не стигнат до 6%. Не смеат да одат под 6%.
Фондот за осигурување на депозити е стабилен и подготвен за брзо и навремено извршување на своите обврски кон граѓаните – депонентите на нашите членки, банките и штедилниците во РСМ. Нашата ефикасност е докажана многу пати до сега. Од формирањето во 1997 година па до денес исплатени се 90% од вкупните обврски за обесштетување на депонентите при сите ризични настани.
Остануваме доследни на нашата основна цел, заштита на депозитите на граѓаните, брза исплата, градење и чување на довербата во финансискиот систем.
ФОНД ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИ