Во организација на Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување на депозити денес во Скопје се одржа свечена прослава по повод Светскиот ден на штедењето, 31.10.2019 година.
Настанот го отвори Претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова-Штериева, која истакна дека македонските банки и штедилници многу одговорно и совесно ги чуваат средствата на штедачите. Тие прудентно кредитираат и се грижат за интересите на своите клиенти. Граѓаните претпочитаат да штедат во банкарски депозити како резултат на довербата во банкарскиот систем. Исто така, таа се осврна и на важноста и потребата од финансиска едукација на младите кои се иднината на нашата земја.
Министерката за финансии, д-р Нина Ангеловска, се обрати на присутните и истакна дека во 2019 година вкупните депозити забрзано растат. Задржан е трендот на зголемување на штедењето на населението, како резултат на довербата во банкарскиот систем. Денарското штедење на населението го надминува штедењето во девизи, што укажува на задржување на доверба на граѓаните во домашната валутa. Се задржа склоноста за штедење на долг рок, пред се во денари. Значително е зголемено кредитирањето на фирмите a нефункционалните кредити се задржаа на ниско ниво. Ова е показател за голема довербата во македонскиот банкарски систем.
Во својот говор, гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска се осврна на глобалните и на европските трендови на движење на каматните стапки и на остварувањата коишто покажуваат раст на нивото на депозитите во еврозоната, ставајќи акцент и на состојбите во нашата земја. Како што истакна таа, споредено со европскиот пазар, приносите на штедењето во домашниот банкарски сектор во голема мера сѐ уште се конкурентни, а во основа се релативно повисоки и во споредба со каматните стапки на штедните влогови во останатите земји од регионот.
Директорот на Фондот за осигурување депозити, г-дин Борче Хаџиев ја истакна важноста кое штедењето ја има во одржувањето на финансиската стабилност во државата, а воедно и ја нагласи улогата на Фондот за осигурување на депозити кој има задача да ги осигурува депозитите на граѓаните и да гарантира исплата на обесштетување. На тој начин, придонесува кон одржување и зајакнување на довербата која граѓаните ја имаат во банкарскиот систем. Заклучно со септември 2019 година, годишната стапка на раст на депозити на население изнесува 8,8%, највисока во последните 3 години.